Присуството на претседателот на Европскиот совет, господинот Кошта, не е само потврда на нашата длабока дипломатската соработка, туку и реален чин на внимание, поддршка и интерес за иднината на нашата држава и за иднината на Западен Балкан набргу да биде дел од Европската Унија. Во оваа нова етапа, кога граѓаните ѝ ја препуштија одговорноста на новата македонска Влада, моја обврска како премиер е да зборувам отворено, искрено и достоинствено. Тоа го правам првенствено затоа што имам должност кон народот, но и кон самата европска идеја, што толку упорно настојуваме да ја реализираме, истакна премиерот Христијан Мицкоски на заедничката прес-конференција со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.

„Нашата посветеност во процесот на евроинтеграциите ќе остане и ќе се засили во периодот што следува затоа што веруваме дека иднината на македонските граѓани е во рамките на европското семејство.

Претседателот Кошта во својот говор пред малку рече дека патот до полноправно членство во рамките на Европската Унија е фрустрирачки, тежок и предизвикувачки, но ние како граѓани, како народ, можеме да кажеме дека со години го одиме најтешкиот пат.

Факт е дека тој пат го одеа и другите народи, кои сега се дел од европското семејство, но граѓаните на оваа, една од најмалубројните земји во срцето на Балканот и во Европа, го одеа и го одат најтешкиот пат, ако може да се каже дека го одат, бидејќи се наоѓаме на истото место каде што бевме и пред 20 години“, рече Мицкоски.

Изрази надеж дека во периодот што следува заеднички ќе го деблокираат тој процес, достоинствено, како што рече, бидејќи една од суштинските европски вредности е токму достоинството.

„И достоинствено ќе бидеме дел од европското семејство. Јас сум убеден дека имаме вредности, имаме капацитет, имаме знаење и знаеме како да го изодиме тој пат на најбрз начин, а со помошта што лично ја дава претседателот Кошта и поддршката и помошта што ги имаме и од Европската комисија и од земјите членки сигурен сум дека ќе направиме квалитетни реформи и реформи што ќе обезбедат европска иднина за нашата држава и за нашите граѓани“, додаде премиерот.

Текстот Мицкоски: Нашата посветеност кон евроинтеграциите ќе се засили во периодот што следува е превземен од МАКФАКС.