Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, денес изјави дека руската делегација пристигнала во Истанбул, каде што се планирани разговори за решавање на конфликтот во Украина, објавија руските медиуми.

„Како што беше кажано во неколку наврати, руската страна е подготвена за сериозни преговори, а делегацијата на Русија пристигна во Истанбул и е подготвена за сериозна работа“, изјави таа на прес-конференција во Москва, објави агенцијата Интефакс.

Захарова потсети дека на 11 мај рускиот претседател Владимир Путин презентираше иницијатива за продолжување на директните преговори меѓу двете страни, предлагајќи преговорите да започнат без одложување или предуслови со цел да се отстранат суштинските причини за конфликтот и да се оди кон воспоставување долгорочен, траен мир, пренесува Танјуг.

Руската делегација ја предводи помошникот на Путин, Владимир Медински, кој веќе предводеше група руски преговарачи во Истанбул во пролетта 2022 година, кога беа прекинати директните преговори меѓу двете страни, потсети Интерфакс.

Во меѓувреме, украински функционер изјави дека украинскиот претседател Володимир Зеленски денес треба да се сретне со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, по што ќе донесе одлука за учество во разговорите со руската делегација во Истанбул, објави Ројтерс.

За денес во Истанбул се закажани преговори меѓу делегациите на Русија и Украина за прекин на огнот, за кои не е прецизирано кога ќе започнат, а кои беа организирани по предлог на рускиот претседател Владимир Путин.

Текстот Захарова: Руската делегација пристигна во Истанбул, подготвена за сериозни разговори е превземен од МАКФАКС.