Канадскиот премиер Марк Карни изјави денес од Овалната соба во Вашингтон дека „Канада не е на продажба и никогаш нема да биде“, само неколку минути откако актуелниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека границата меѓу САД и Канада е „вештачка“ и повторно фантазираше за идејата Канада да стане дел од САД, пренесуваат медиумите во регионот.

Трамп рече дека двајцата нема да разговараат за „анексијата“ на Канада од страна на САД, освен ако, како што рече, „ако некој не го сака тоа“. Тој додаде дека во случај на „прекрасен брак“ на двете земји, Канада би имала „огромна корист“. Актуелниот американски претседател постојано јавно ја споменуваше идејата, и покрај тоа што канадското раководство постојано ја отфрлаше.

„Знаете, јас сум градежен изведувач во срцето“, им рече Трамп на новинарите. „Кога таа вештачки нацртана линија ќе се отстрани, кога ќе ја погледнете таа прекрасна формација кога е споена, јас сум многу уметнички човек.“

Карни брзо возврати, користејќи јазик за кој мислеше дека Трамп ќе го разбере: „Знаете, од светот на недвижностите – има места каде што едноставно не се продаваат. Ние сме во едно од нив во моментов. Вие ја посетивте Бакингемската палата. И откако разговарав со „сопствениците на Канада“ во последните неколку месеци, можам да ви кажам – Канада не е на продажба. Никогаш нема да биде. Но, можноста е во партнерството и во она што можеме да го изградиме заедно“, рече Карни.

На прашањето дали таквото одбивање ја отежнува соработката во трговијата и другите прашања, Трамп рече не, но додаде: „Но, знаете што велат – никогаш не вели никогаш“.

Ова беше прва средба меѓу Трамп и Карни откако новиот канадски премиер ја презеде функцијата. Карни претходно вети дека ќе заземе цврст став кон Вашингтон, особено во врска со трговските спорови и граничните прашања.

Трамп ја започна средбата честитајќи му на Карни за победата, додавајќи: „Јас сум веројатно најдоброто нешто што му се случило“. „Ќе бидеме пријатели со Канада“, рече претседателот. „Без разлика што ќе се случи, ние ќе останеме пријатели.“

Кога беше прашан за царините, Трамп беше јасен дека Карни нема да чуе ништо што би довело до укинување на американските царини за канадските производи. Карни одговори дека тоа е „тема за поширока дискусија“.

Односите меѓу САД и Канада значително се влошија поради царините на Трамп и неговите изјави дека Канада треба да стане 51-ва држава на САД.

Текстот Канадскиот премиер: Канада никогаш нема да биде на продажба; Трамп: Никогаш не вели никогаш е превземен од МАКФАКС.