Градоначалникот Горан Герасимовски информира дека во тек е јавниот повик за доделување субвенции во висина од 10 илјади денари за полагање возачки испит на сите млади лица кои годинава ќе наполнат 18 години. Тој потенцира дека полагањето возачки испит е задолжително за сите оние кои сакаат да управуваат со моторно возило, а Општина Центар им помага на младите да се стекнат со теоретски и практички знаења за безбедно возење и едукација за сообраќајните правила од искусни инструктори.

„Безбедноста во сообраќајот почнува од знаењето и свесноста на секој поединец. Полагањето возачки испит не е само формалност – тоа е обука која ги учи младите како да донесуваат правилни одлуки во движење, да ги почитуваат другите учесници и да реагираат смирено во секоја ситуација. Со оваа субвенција не само што ја олеснуваме финансиската бариера, туку и вложуваме во совесни и едукативно подготвени возачи. Одговорното возење спасува животи, и затоа секој млад човек кој сака да управува со возило треба да започне со квалитетна обука. Само така ќе создадеме побезбедни улици и подобра сообраќајна култура за сите. Ги повикувам сите млади лица кои оваа година ќе наполнат 18 години, а живеат на територијата на Центар најмалку една година да аплицираат за субвенција“, вели Герасимовски.

При аплицирање за субвенција, заинтересираните потребно е да достават барање за субвенција за полагање возачки испит Б-категорија во автошколи на подрачјето на Општина Центар, копија од лична карта, Копија од трансакциска сметка (барателот треба да поседува даночен број од УЈП заради уплата на персоналниот данок на доход), доказ за извршена уплата во автошкола и доказ дека автошколата е регистрирана на подрачјето на Општина Центар.

Барањата со комплетна документација се доставуваат во архивата на Општина Центар-Скопје, барака 6, од 09:00 часот до 15:00 часот. По доставувањето на документите, подносителите ќе бидат известени за редниот број на поднесокот и субвенционирањето.

Јавниот повик ќе трае сè до исцрпување на средствата предвидени во Буџетот на Општина Центар, односно до 31.12.2025 година. Правото на субвенција е еднократно.

Повеќе информации за повикот