Принцот Хари вели дека сака помирување со остатокот од кралското семејство, во емотивно интервју, во кое рече дека е уништен што ја изгубил правната битка за неговата безбедност во Обединетото Кралство.
Во интервју за „Би-Би-Си“, тој изјави дека моментално не е во контакт со својот татко, британскиот крал Чарлс Трети.
Принцoт рече дека кралот не сака да разговара со него поради безбедносното прашање, но оти тој не сака повеќе да се бори и не знае уште колку долго ќе живее неговиот татко.
Принцот Хари зборуваше за Би-Би-Си откако го загуби случајот за нивото на обезбедување на кое тој и неговото семејство имаат право додека се во Обединетото Кралство.
„Имав многу несогласувања со некои членови од моето семејство, но им простив“, рече тој.
Принцот сакаше да ги промени правилата за неговата безбедност кога ќе дојде во Велика Британија, кои беа воведени кога тој се повлече од кралското семејство и се пресели во Соединетите држави.
Рече дека се чувствува изневерено и го опиша судскиот пораз како „старомоден установен план“ и го обвини Кралското домаќинство за влијание врз одлуката за намалување на неговата безбедност.
На прашањето дали побарал од неговиот татко да интервенира во безбедносниот спор, принцот Хари рече: „Никогаш не барав од него да интервенира – го замолив да се тргне од патот и да ги остави експертите да си ја завршат работата“.
Поразот на суд и тоа што безбедносното прашање за него и неговото семејство нема да се промени значи дека во моментов не може да го донесе семејството во Велика Британија, изјави тој за Би-Би-Си.
„Во овој момент не можам да замислам да ги донесам сопругата и децата во Велика Британија“, вели принцот Хари.
За одлуката рече: „Се чувствувам уништен – не толку од губитокот колку од луѓето кои ја донесоа одлуката, кои сметаат дека ова е во ред. Дали ова е победа за нив?“
Тој продолжи: „Сигурно има некои луѓе таму, веројатно најмногу оние кои ми посакуваат штета, кои ја сметаат оваа одлука за голема победа.“
Принцот Хари рече дека одлуката да му се одземе безбедноста има влијание на него секој ден, и го оставила во ситуација каде што може безбедно да се врати во Велика Британија само ако биде поканет од Кралското семејство – бидејќи во тие околности ќе добие доволно обезбедување.
Тој рече дека промените во неговиот безбедносен статус во 2020 година не влијаеле само на него, туку и на неговата жена, а подоцна и на неговите деца.
Продолжи: „Сите знаеја дека не ставаат во ризик нас во 2020 година и се надеваа дека знаењето на тој ризик ќе не’ натера да се вратиме.“
„Но кога сфаќаш дека тоа не функционира, дали не сакаш да не’ чуваш безбедни?“
„Без разлика дали си влада, Кралско домаќинство, дали си мој татко, моето семејство – без разлика на сите наши разлики, дали не сакаш да се осигураш за нашата безбедност?“, рече принцот.
Кога беше прашан дали му недостига Велика Британија, тој додаде: „Го сакам мојот дом, секогаш сум го сакал, без оглед на тоа што некои луѓе во таа земја го направиле… и мислам дека е навистина трагично што нема да можам да им ја покажам мојата татковина на моите деца.“
Принцот Хари рече дека нема да бара понатамошен правен предизвик, изјавувајќи дека петочната пресуда „докажала дека не постои начин да се победи преку судовите“.
„Сакам некој да ми го кажеше тоа предходно,“ рече тој, додавајќи дека пресудата била „изненадување“.
Текстот (Видео) „Уништен сум, сакам помирување со семејството“ – Принцот Хари откако го загуби спорот е превземен од МАКФАКС.