Автомобил „мерцедес“ денеска удри во група луѓе на пешачки премин во центарот на Штутгарт, Германија, при што се повредени неколку лица, соопшти полицијата која го уапсила возачот.

Инцидентот се случил околу 17:50 часот на фреквентна крстосница со повеќе ленти во центарот на Штутгарт.

Според првичните информации, „мерцедесот“ удрил во група пешаци на пешачкиот премин кај трамвајската станица Олгаек. Иако првично беше објавено дека се повредени три лица, подоцна беше соопштено дека се повредени осум, а тројца се сериозно повредени.

Спасувачите се присутни на местото на настанот за да им помогнат на повредените.

Очевидци изјавија дека тешко теренско возило удрило во жена која носела количка. Фотографиите од местото на несреќата покажуваат уништена количка на трамвајските шини.

Се уште не е јасно дали возачот намерно удрил во пешаците.

„Истрагата се движи во сите правци“, изјави портпаролката на полицијата.

Областа околу раскрсницата е затворена за полицијата и службите за итни случаи, а градските и метро линиите се суспендирани до понатамошно известување.

Возачот на „мерцедесот“ е уапсен.