Германската разузнавачка служба денес ја класифицираше партијата Алтернатива за Германија (АФД), која го освои второто место на последните парламентарни избори, како „докажано екстремно десничарско“ движење, што треба да ѝ овозможи да биде ставена под строг надзор.
Идеологијата на АФД, која „ги девалвира цели групи од населението во Германија и го поткопува нивното човечко достоинство, не е компатибилна со основниот демократски поредок“, се вели во соопштението на Канцеларијата за заштита на Уставот.
На парламентарните избори на 23 февруари, партијата постигна историски пробив и го дуплираше претходниот резултат со повеќе од 20 проценти од гласовите.
Оттогаш, оваа млада партија, основана во 2013 година, дури и ја престигна конзервативната партија Христијанско-демократска унија (ЦДУ) на Фридрих Мерц, кој треба да положи заклетва како нов канцелар во вторник, во некои анкети на јавното мислење.
Канцеларијата за заштита на Уставот сè уште не даде детали за конкретните последици од оваа класификација на АФД, која би можела да има големи последици врз политичкиот живот во Германија.
Оваа класификација им дава на властите значителни средства за следење и контрола на активностите, вклучително и приватните комуникации.
Дебатата за можната забрана на АФД, што некои политички лидери ја иницираа во последните месеци, би можела повторно да се разгори.
Германската разузнавачка служба веќе ја класифицираше младинската организација на АфД и неколку нејзини регионални ограноци во поранешните источногермански покраини како „екстремистички“.
Во соопштението, таа служба го споменува „општиот непријателски став на партијата кон мигрантите и муслиманите“ и „континуирани изјави“ за тоа што „поттикнуваат ширење и продлабочување на предрасудите, огорченоста и стравот“.
Текстот Германската разузнавачка служба ја класифицира АфД како екстремистичка партија што ѝ се заканува на демократијата е превземен од МАКФАКС.