Доколку не им биде исплатена платата за март на вработените, веројатно скопската Зоолошка градина од утре ќе биде затворена за посетители. Вака најави Јаким Неделков, претседател на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) оти вработените, поради доцнењето на платата, веќе немаат ниту здравствено осигурување, а секојдневно се изложени на повреди.

„Испоснички го дочекаа Велигден, а тој испоснички живот во Зоолошка градина продолжува и за првомајските празници и навистина трпението на овие луѓе е при крај. Премногу културно се однесуваат овие луѓе кои се дел од културата и со избрани зборови ја кажуваат нивната мака, нивната тага, но факт е дека од вчера немаат ниту здравствено осигурување. Секојдневно се изложени на повреди и да останат бе здравствено осигурување во најмала рака е нехумано и под итно мора а се најде решение за овој проблем. Дефинитивно СОНК ќе ја земе работата под свое и оваа наша толеранција оваа наша коректност кон надлежните веројатно некој ја толкува како наша слабост. Апсолутно не е така, ако денеска излегоа луѓето да ја кажат својата мака јавно, пред медиуми, од утре па натака, доколку не се исплатат платите веројатно и вратите на Зоолошка ќе бидат затворени“, рече претседателот на СОНК, Неделков.

Установите од културата кои се на централно ниво, Неделков вели дека веќе сите имаат земено плати, како што е дадено упатството од Министерството за култура, но за жал дел од институциите кои се на локално ниво од засега непознати причини се уште немаат плата. Неделков побарал состанок со директорот на Зоолошката, но тој денес не е работа, па писмено ќе му се обратат за да побараат средба и со него и со одговорните на централно ниво.

Некои од вработените, денес за време на паузата, излегоа пред Зоолошката и апелираа да им се исплатат платите.

„Овој протест е за да не видат дека навистина немаме земено плата за месец март. Последната плата ја земавме пред точно 45 дена. Нас ни требаат пари, а од вчера изгубивме и здравство поради не земена плата навреме. Имаме колеги на боледување и бараат што поскоро да им се реши, кај без пари па и без здравство сме. Ги замолувам тие што се надлежни во сета оваа работа што поскоро да најдат модус да решат за ние што поскоро да земеме плата за да не дојдеме до некои други несакани работи, да не дојдеме до големи штрајкови. Ние сме околу 50 вработени и веќе ни се јавуваат банки, извршители, телефоните ни се исклучени“, рече Миле Таневски, претседател на синдикалната организација на скопската Зоолошка градина.

Зоонегувателот Мирослав Станковиќ вели дека во Зоолошката работните задачи за двајца вработени ги завршува по еден оти немаат доволно вработени.

„Ние сме склони на повреди, сега веќе немаме ни здравено осигурување. Работата не ни е лесна. Надвор сме во сите временски услови, правиме се, импровизираме за да ги решиме сите проблеми. Заслужуваме редовно да си работиме, да мислиме само за работата и за животните. Ние сме минимално вработени. Немаме луѓе по реони, работници, даваме се од себе. Кога треба една работа за двајца да ја работи еден, тоа е многу тешко“, вели Станковиќ.

Вработените кои излегоа пред Зоолошката и без плата и здравствено осигурување, денес по паузата, се вратија на обврските.

Текстот  Скопската ЗОО од утре може да биде затворена, вработените од вчера се без здравствено осигурување, а плата немаат 45 дена е превземен од МАКФАКС.