Соединетите Американски Држави и Украина потпишаа договор со кој на Вашингтон му се дава пристап до дел од природните ресурси на земјата разурната од војна. Договорот, кој се подготвува со месеци, формира инвестициски фонд за реконструкција за кој Украина верува дека ќе ја зајакне американската поддршка во третата година на отпорот на руската агресија.

Би-Би-Си го виде нацртот на договорот, но не и неговата конечна верзија. Врз основа на тој нацрт и изјавите од Киев и Вашингтон, еве седум клучни точки:

1. Украина нема да мора да враќа никаков долг кон САД

Американскиот претседател Доналд Трамп претходно побара Украина да врати 350 милијарди долари, што, според неговите тврдења, изнесува американска воена и финансиска помош од почетокот на војната. Украинскиот претседател Володимир Зеленски го одби тоа барање.

Но, се чини дека Вашингтон попушти. Украинскиот премиер Денис Шмихал изјави дека договорот не предвидува никаква обврска за враќање на наводниот „долг“.

Трамп сепак го претстави договорот како победа за неговата страна, велејќи дека САД „во теорија ќе добијат значително повеќе“ отколку што претходната администрација инвестираше во помагањето на Украина.

2. САД користат поостар тон кон Русија

Американската администрација употреби значително поостар јазик отколку што беше случај досега во изјавите на владата на Трамп.

Во соопштението на американското Министерство за финансии се наведува дека станува збор за „тотална руска инвазија“ и се додава: „Ниту една земја или поединец што ја финансирала или снабдувала руската воена машинeрија нема да има корист од обновата на Украина“.

Овој тон веројатно ќе го охрабри Киев, кој во преговорите меѓу Москва и Вашингтон инсистираше на поголем притисок врз Русија.

3. Договорот вклучува и проекти за нафта и гас

Иако најголемиот дел од јавните говори се однесуваат на рудното богатство на Украина, договорот вклучува и нови проекти поврзани со нафтата и гасот и поврзаната инфраструктура.

Во сите случаи, сопственоста на ресурсите останува украинска, иако САД ќе имаат заеднички пристап. Ова се смета за омекнување на претходната позиција на Украина, бидејќи таквите елементи не беа дел од првите верзии на договорот.

4. Договорот не го спречува пристапувањето на Украина во Европската унија

Украина со години се стреми кон членство во ЕУ, а преговорите беа официјално отворени минатиот јуни.

Имаше стравувања дека договорот со Вашингтон би можел да го отежне пристапот во ЕУ, особено ако американските инвеститори добијат повластен статус, имајќи предвид дека Украина веќе има стратешко партнерство со Брисел за суровини.

Но, во текстот на договорот се наведува дека САД ја признаваат намерата на Украина за влез во ЕУ и дека оваа цел не смее да биде доведена во прашање со овој договор.

Договорот, исто така, предвидува дека, доколку Украина треба да ги ревидира условите поради нејзините обврски за пристапување, САД се согласуваат да преговараат „со добра волја“. Киев, исто така, најави дека САД ќе поддржат трансфер на инвестиции и технологија од ЕУ и други земји.

5. Добивката за првите десет години се реинвестира во Украина

Според договорот, во првата деценија од работата на фондот за реконструкција, целата остварена добивка ќе биде целосно реинвестирана во украинската економија.

Би можело да биде од големо значење доколку се потврди дека САД не остваруваат директен финансиски бенефит во првите десет години. Украина очекува дека сите приходи од фондот ќе бидат насочени кон обнова на земјата и нови проекти.

По овој период, добивката ќе се дели меѓу партнерите. Американскиот министер за финансии Скот Бесент изјави за Фокс њуз дека договорот „испраќа порака до американскиот народ дека имаме можност да учествуваме, да надоместиме дел од трошоците и да станеме партнери во успехот на украинскиот народ“.

6. Американската воена помош е повторно на маса

Договорот е формулиран на тој начин што е претставен како предуслов за продолжување на американската воена помош за Украина.

Првиот вицепремиер на Украина Јулија Свириденко, која отпатува за Вашингтон за да го потпише договорот, рече дека тој предвидува нова американска поддршка, вклучително и испорака на системи за противвоздушна одбрана.

Ова може да претставува промена во политиката на Трамп, имајќи предвид дека неговата администрација претходно се залагаше за намалување на воената помош за Украина.

Не се знае како договорот ќе се одрази на ситуацијата на бојното поле. Москва се уште не даде официјална изјава.

7. Сепак, САД можат да се повлечат во секое време

Договорот не содржи цврсти безбедносни гаранции од САД, кои Украина и нејзините европски сојузници долго време ги бараат од Вашингтон. Трамп покажа неподготвеност да се заложи за воена помош со ист интензитет како и претходната администрација.

Американската поддршка за Украина во овој случај е условена исклучиво од економските компоненти на договорот. Поради ова, сè уште постои одредена неизвесност за трајноста на американската посветеност кон Киев.

Зеленски може да слави

Со оглед на тоа што договорот не вклучува отплата на долгот, предвидува десетгодишно реинвестирање на профитот, не ја попречува европската интеграција и повторно ја отвора вратата за американската воена помош, сето тоа без формални отстапки за Москва, кон која Америка зазема построг став, Киев навистина има причина да биде задоволен, особено во споредба со претходните предлози.

Текстот Седум клучни точки од договорот помеѓу САД и Украина е превземен од МАКФАКС.