Со новиот Закон за работно ангажирање на лица односно за сезонско и привремено ангажирање, предложен од ВМРО-ДПМНЕ, а поддржан од повеќе парламентарни партии, конечно ставаме крај на долгогодишната пракса на неформално вработување, – за првпат по повеќе од три децении, изјави Бојан Стојаноски, пратеник на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Со законот, додаде тој, овозможуваме флексибилност, со цел работодавачите да можат да пријават лица кои се ангажирани на периодична или сезонска работа, а работниците да ги уживаат сите законски права, вклучувајќи пензиски и здравствени придонеси.

„Ова креативно законско решение е од особена важност за сезонските работници во земјоделството, угостителството и сервисните дејности. Важно е и за студентите, за средношколците, за само-вработените, за вработените, пензионерите, за земјоделците. За да имаме особено квалитетен закон, во Собранието за него одржавме и јавна расправа, на кои беа прифатени забелешки од Управата за јавни приходи, Агенцијата за вработување, Министерството за економија и труд, Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за образование како и експерти и невладини организации. Подобрувања вметнати преку 33 амандмани, кои дојдоа од различни партии“, појасни Стојаноски.

Дополнително, додаде тој, оние лица кои ќе бидат пријавени преку овој закон, нема да ги изгубат веќе стекнатите права, како социјална помош, надоместок поради невработеност, семејна и старосна пензија, стипендија или правото на редовно студирање.

Стојаноски изјави и дека за непречено спроведување, се проширува надлежноста на Агенцијата за вработување.

„Предвидено е воведување на дигитален регистар и современо софтверско решение што ќе овозможи пријавување на работници преку интернет – брзо и едноставно, за само неколку минути“, рече Стојаноски.