Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска се обрати пред матурантите на средното училиште АСУЦ „Боро Петрушевски“ во Скопје, во рамки на кампањата „Да ја подигнеме сообраќајната свест кај младите – 2025, на матурска вечер без автомобил“.
Ваквите кампањи традиционално ги организираат заеднички Министерството за внатрешни работи, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Факултетот за безбедност – Скопје, со кои се насочува вниманието на потребата од безбеден сообраќај, значењето на човечкиот живот и доследното почитување на сообраќајните правила од сите учесници во сообраќајот и како пешаци и како возачи.
Пораката што ја пренесе министерот Тошковски до младите матуранти е дека безбедното учество во сообраќајот е многу значајно и е обврска на сите нас.
„Немојте да си дозволувате да управувате возило и да бидете учесници во рамките на сообраќајот, а притоа да не ги почитувате правилата. Правилата се напишани и се создадени за да ги заштитат човечките животи. Ако сите ние при секое застанување на црвено, поминување на улица, при секое влегување во возилото, ги почитуваме правилата, верувајте ми дека сите овде ќе имаме подобар живот. Секој што се огрешил пред законот, а притоа има докази за тоа, ќе одговара. Никој не е и не може да биде над законот и правилата. Почитувајќи ги правилата, секој еден што го гледаме околу нас, ќе биде побезбеден во рамки на сообраќајот“, потенцираше министерот Тошковски.
Министерот на крај истакна дека само младите луѓе ја имаат енергијата, силата и знаењето да ја донесат позитивната промена на подобро за нашата убава Македонија.