Вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денес во просториите на Владата оствари работна средба со амбасадорката на САД, Анџела Агелер.

Од Канцеларијата на Меџити информираа дека средбата поминала во исклучително конструктивна, работна и пријателска атмосфера, при што фокусот бил ставен на понатамошното продлабочување на партнерските односи помеѓу двете држави, влади и нивните граѓани.

Беше потенцирано значењето на стратешкото партнерство кое Република Северна Македонија го има со САД на билатерално и мултилатерално ниво, особено континуирата поддршка која САД ја дава на остварување на стратешките приоритети на Северна Македонија.

Од страна на Меџити беа потврдени и повторени заложбите на Владата за продолжување на реформите во насока на исполнување на евроинтегративните процеси на Северна Македонија. Беше подвлечено и одличното ниво на соработка помеѓу двете држави во НАТО, како основен и значаен предуслов за оддржување на мирот и стабилноста во нашиот регион.

Беа разговарани и теми поврзани со правосудните реформи и потребата од зголемување на довербата на граѓаните во судските институции и постапки. Беше разговарано и за продолжување на борбата против корупцијата во државата како основен предуслов за градење на функционална демократија.

Од страна на двајцата соговорници беше истакнато задоволство за интензивирање на реализацијата на проектите за изградба на коридорите 8 и 10Д, при што од страна на Меџити беше истакната посветеноста на Владата на овој приоритет.

На крај од средбата беше повторно потенциран взаемниот интерес за континуирана пријателска и партнерска соработка помеѓу двете држави и влади.

Текстот Меџити и Агелер разговараа за реформите во судството, коридорите, интеграциите во ЕУ е превземен од МАКФАКС.