Актуелниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека ќе почне да воведува царини за земјите што нема да постигнат трговски договори со САД во рок од „две до три недели“.
На прес-конференцијата одржана во Овалната соба, Трамп рече дека очекува САД да постигнат „одлични договори“ за време на тековните преговори. „Ако не постигнеме договор со компанија или земја, ќе воведеме царина“, рече Трамп.
Тој додаде дека неговата администрација досега разговарала за трговски договори со 90 земји. „Тоа ќе се случи, би рекол, во следните неколку недели, што велите вие? Мислам дека да, за две или три недели. Ќе ставиме бројка за тоа“, рече тој.
На 2 април, ден што го нарече Ден на ослободувањето, Трамп објави основна царина од 10 проценти за стоки од сите земји. Но, некои региони, како што се Европската Унија со царина од 20 проценти и Виетнам со 46 проценти, би се соочиле со уште повисоки царини.
Сепак, на 9 април, тој најави 90-дневно одложување на овие „реципрочни“ царини. Тој рече дека повеќето земји ќе бидат погодени со царини од 10 проценти. Во објава на социјалната мрежа Truth Social истиот ден, Трамп рече дека ја наметнува оваа пауза бидејќи повеќе од 75 земји им се обратиле на САД за да започнат преговори и ниту една од нив не одговорила со контрамерки.
Сепак, Кина не доби иста понуда. САД сега имаат царина од 145 проценти за кинеските производи, додека Кина возврати со царина од 125 проценти за американските производи.
Трамп ги користи царините како алатка за преговори уште од самиот почеток. На 3 април, тој изјави дека би бил спремен да ги намали царините за земјите што им нудат на САД „нешто феноменално“, анализираат светските медиуми.
Текстот Трамп: Ако нема договор, ќе воведеме царини за две до три недели е превземен од МАКФАКС.