Илјадници вработени во јавниот сектор, во Култура, во Министерството за економија, Центрите за социјална работа, Пазарниот инспекторат, Трудовиот инспекторат, власта ги остави без плати, со недели после законскиот рок за исплата на плати, обвини потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова.

„Ова не е административен пропуст, ова е неспособност. Но ова е и директно кршење на законските права на работниците и понижување на нивното достоинство за што треба да има одговорност. Ја повикуваме трудовата инспекција сега да направи надзор во Министерството за економија и труд, како што поднесуват кривични пријави за други работодавци за неисплатени плати да поднесат и за министерот. Ете до каде не доведе власта на ДПМНЕ денес. Во Македонија веќе не се зборува за економски развој, не се зборува за поголеми плати туку за тоа дали Владата воопшто ќе успее да исплати плати“, рече Костова.

Дополнително, рече таа, власта го одложува и процесот на усогласување на платите и не ги почитува колективните договори во голем дел од институциите.

„Околу 60.000 вработени во јавниот сектор требаше да добијат зголемена мартовска плата за 12.6%, согласно Општиот коелктивен договор. Додека цените и сметките секојдневно растат, власта одбива одбива да ги покачи платите во различни сектори, одбива да ја зголеми минималната плата на 500 евра“, рече Костова.

Таа додаде дека СДСМ бара итна исплата на платите на сите вработени во јавниот сектор, одговорност за доцнењето и непочитувањето на законските обврски и да се обезбеди раст на минималната и просечната плата, во чекор со растот на трошоците за живот.