Русија го задржува правото да користи нуклеарно оружје во случај на агресија од западните земји, изјави денеска високиот безбедносен функционер на Москва, Сергеј Шојгу во интервју за државната новинска агенција ТАСС.

Шојгу го кажа ова откако американскиот претседател Доналд Трамп и потпретседателот Џеј Ди Венс предупредија дека Вашингтон може да се откаже од обидот да преговара за мировно решение во Украина доколку наскоро нема напредок во договорот.

Откако ја презеде функцијата во јануари, Трамп ја смени американската политика кон тригодишната војна, вршејќи притисок врз Украина да се согласи на прекин на огнот, а истовремено го намали притисокот врз Русија.

Шојгу, кој беше министер за одбрана на Русија повеќе од десет години додека не стана шеф на моќниот совет за безбедност со реконструкција на владата минатата година, ги наведе амандманите на нуклеарната доктрина на Москва, одобрени од претседателот Владимир Путин во ноември минатата година.

Според новите услови, Русија би можела да размисли за нуклеарен напад како одговор на конвенционален напад врз неа или нејзиниот сојузник Белорусија што ќе создаде критична закана за нивниот суверенитет и (или) нивниот територијален интегритет.

„Во случај странските земји да извршат непријателски дејствија што претставуваат закана за суверенитетот и територијалниот интегритет на Руската Федерација, нашата земја смета дека е легитимно да преземе симетрични и асиметрични мерки неопходни за да се потиснат таквите акции и да се спречи нивното повторување“, рече Шојгу.

Текстот Русија: Го задржуваме правото да одговориме со нуклеарно оружје ако Западот не’ нападне е превземен од МАКФАКС.