„Кога СДС зборува за правда, тоа звучи исто како крадец да држи предавање за чесност. Кога СДС зборува за култура, тоа звучи како пироман да се фали дека го изгаснал пожарот. СДС, како и секогаш, кога институциите конечно почнуваат да работат професионално, после хаосот што го оставија зад себе, се обидува да шири лажни вести, страв и дезинформации. Тоа не е ништо ново, тоа е нивна стара стратегија – кога немаат аргументи, измислуваат афери“, реагира ВМРО-ДПМНЕ на соопштението на СДСМ.

„Меѓутоа, јавноста добро памети.

Во време на СДС:

– се гасеа истраги и се уценуваа обвинители;

– криминалци од врвот на власта беа заштитени како свети крави;

– граѓаните беа сведоци на политички прогон на неистомисленици;

– Врховниот суд беше партиски штаб, а Советот на јавни обвинители нем набљудувач на криминалот.

Министерството за култура, во нивно време, беше претворено во каса за партиски трансакции и награди за блиски личности. Грантови се делеа без критериуми, по телефон, по пријателски врски и по заслуги кон партијата. Уметниците кои не беа лојални, беа игнорирани или санкционирани. Установите беа блокирани, а културата сведена на приватен бизнис за избрани поединци.

Културните работници, вистинските уметници и институциите денес конечно здивнаа. Заврши времето кога маички XXL и авионски карти за егзотични дестинации се купуваа од државни пари, додека проекти од национална важност беа одбивани.

ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи притисоци врз обвинителството, но ниту ќе дозволи заштита за било којшто се огрешил пред законот – без разлика на партиска, етничка или друга припадност.

Тоа е разликата меѓу нас и нив!

Ние се бориме за држава на еднакви, не на привилегирани!

Тие се борат да се вратат на власт за повторно да ја контролираат правдата и да продолжат со грабежот.

Но времето на криминалците заврши.

Македонија е во рацете на чесните граѓани“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.