Раководството на СДСМ се повеќе наликува на секта во која клучниот предуслов за припадност е геслото – сите други се виновни за поразите, само Венко Филипче не носи одговорност за ништо, велат организаторите на „Разговори за иднината во 12:05“ како реакција на прес – конференцијата на кандидатот за градоначалник од СДСМ на Општина Брвеница, Јовица Радески.

„Филипче уште еднаш го жртвува другарот Јовица Радески. Денес, го принудиле другарот Јовица Радески да излезе на прес конференција само затоа што му честитавме за неговиот достоинствен настап на изборите. Барале од него да им ја докажува лојалноста. Му се извинуваме за тоа што денес мораше јавно да се срами, а приватно да се извинува. Јавно го повикуваме раководството да излезе со барем едно име и презиме кое припаѓа на „Разговорите за иднината во 12:05“ кое наводно вршело агитација против кандидатот на СДСМ во Брвеница“, се наведува во писмената реакција.

Конечно, продолжува реакцијата, доколку од „Разговори за иднината во 12:05” зависи дали кандидатите на СДСМ победуваат тогаш ова дезориентирано партиско раководство самото признава дека мора да си замине.

„Ниту една принудна прес конференција не може да ја покрие вистината дека Венко Филипче е полномошникот за највалканиот политички дил во последните 35 години. Чесното членство сеʼ помасовно се срами што актуелното раководство му слугува на Христијан Мицкоски“, велат од „Разговори за иднината во 12:05” .