Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес изјави дека украинскиот народ заслужува заштита од руските ракетни напади, исто како и сите други, и го повтори барањето за американски системи за воздушна одбрана „Патриот“ во контекст на рускиот ракетен напад врз Харков.
„Кога се обраќаме до нашите партнери, првенствено до Соединетите Американски Држави, за системите „Патриот“, кои можат да заштитат од ова руско зло, од крстосувачки ракети, од балистика, бараме заштита што ја заслужува секоја нација. И не треба да биде така што некои луѓе заслужуваат повеќе помош, а некои помалку. И ова е христијански начин да се помогне“, напиша Зеленски на „Телеграм“.
Коментирајќи ги руските ракетни напади, тој истакна дека „не треба да биде случај терористот некако да може да ги избегне последиците, иако уништува животи исто како и другите“.
„Русија заслужува, во најмала рака, строги санкции, кои се одмазда за сè што прави“, нагласи украинскиот лидер.
„Претходно, ова беа крстосувачки ракети – Искандери. Една од ракетите експлодираше во воздух веднаш над станбена зона, другата ја погоди територијата на компанија до станбена зграда. Мора да си целосно никаков и да го презираш животот за да извршиш такви ракетни напади врз обичен град – на Велики петок, во пресрет на Велигден“, рече тој.
Зеленски потсети дека Украина ги прошири санкциите на речиси стотина физички и правни лица од Руската Федерација и Народна Република Кина, од кои повеќето се вклучени во производството на вакви ракети.
„Ќе продолжиме да работиме со партнерите за да обезбедиме синхронизација на нашите санкции. Секој што работи на убивање и продолжување на војната мора да биде одговорен за ова. И им се заблагодарувам на сите во светот што ја поддржуваат оваа позиција“, рече Зеленски.
Утрово, руските вооружени сили лансираа три крстосувачки ракети со високоексплозивни фрагментациски боеви глави, кои се аналогни на американските ракети „Томахавк“, кај Харков.
Едно лице загина во рускиот ракетен напад, а 103, меѓу кои осум деца, беа повредени, од кои четири се во тешка состојба, јавува Танјуг.