Американскиот претседател Доналд Трамп очекува да се постигне напредок во склучувањето трговски договори со други земји. Тој, сепак, додаде дека не брза да склучува такви зделки бидејќи царините што ги наметна создаваат значителни приходи, објави „Асошиетед прес“.

Лидерот на САД изрази 100 отсто доверба за постигнување трговски договор за тековниот царински спор со ЕУ.

Трамп ја коментираше својата трговска политика за време на неговиот состанок во Белата куќа со италијанската премиерка, Џорџа Мелони.

Трамп и посака добредојде на Мелони во Белата куќа и рече дека ќе има 100 проценти договор со ЕУ за царините.

„Нема да имаме проблем да се договориме со Европа или со кој било друг, бидејќи имаме нешто што сите го сакаат“, изјави американскиот претседател, цитиран од Ројтерс.

Од своја страна, Мелони рече дека е уверена дека ќе постигнат договор за тарифите, забележува Ројтерс.

Таа рече дека ќе го покани Трамп да ја посети Италија. Премиерката посочи и дека очекува Италија на следниот состанок на НАТО во јуни да објави дека ќе може да го исполни барањето на Алијансата секоја земја-членка да издвојува 2 отсто од својот бруто домашен производ за трошоците за одбрана.

„Имаме многу добри односи заедно и како земји“, рече Трамп.

„Ќе направиме договор со Кина“, рече американскиот претседател. Тој посочи дека очекува да се воведат „значителни“ основни царини за увоз на голем број стоки.