Лидерот на Алијанса за Албанците и министер за здравство, Арбен Таравари, најави дека вечерва ќе ги продолжи разговорите со лидерите од Вреди по најавите дека коалицијата ќе прерасне во една политичка партија која како еден голем политички субјект ќе настапи на претстојните локални избори, но за тоа се уште нема согласност од Таравари.
„Од Вреди ги продолжуваме разговорите. Вечерва имам состанок, сите четири-пет претседатели на партии. Континуирано има комуникација. Се надевам дека работните групи ќе продолжат и ќе изнајдат најдобро можено решение што нема да биде фруструрачко или да речам, демотивирачко за партиите што се дел од Вреди“, рече денес лидерот Таравари по посетата на болницата во Гостивар.
Несогласувањата во коалицијата Вреди излегоа во јавност на крајот на минтиот месец. Партнерите во коалицијата на неколку состаноци не успеаја да се договорат која парија колку градоначалници ќе предложи за локалните избори наесен. Имаше гласини дека министерот Таравари побарал 50 отсто од кандидатите за градоначалници да бидат од неговата партија, на што не биле согласни останатите партнери во коалицијата. Таравари ниту демантираше ниту потврди дека барал 50 отсто од кандидатите да бидат од неговата партија. Тој кажа дека не бил известен дека останатите лидери веќе се договориле Вреди да стане политичка партија и преку медиумите им порача дека може да го задржат името, а Алијанса за Албанците да оди сама на локалните избори.
Лидерот на Демократско движење и министер за животна средина, Изет Меџити, како еден од основачите на Вреди го повика Таравари да остане во коалицијата и му порача да ги прекине преговорите со Демократската унија за интеграција.
Текстот Таравари очекува решение што нема да биде фрустрирачко за партиите од „Вреди“, вечерва оди на состанок со лидерите во коалицијата е превземен од МАКФАКС.