Зелен хуман град (ЗХГ) најавува мирен протестен марш во 12:30 ч. во сабота (12 април) што според најавите, почнува пред Министерството за животна средина и просторно планирање.
„Рокот измина, институциите не само што не одговорија на нашите барања за истекувањето на токсични материи предизвикано од рудникот Тораница, туку и в.д. директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска, јавно кажа дека инспекторите не зеле мостри зашто „очигледно е дека имало еколошки инцидент, не треба инспекторите сега со мостри да видат дали има, гледаат дека има“.
Во целата оваа трагедија, како што велат, единствено очигледно е дека има непростливи институционални пропусти и ги интересира кој од службените лица ќе одговара за нив.
„Искрено, веќе не е битно дали си од партија или независен, дали си еко-активист или „сеедно ти е“, дали си стар, млад, жена, маж, дете, маче, куче. Не е битно зошто водата што ја пиеме, храната што ја јадеме и воздухот што го дишеме – ќе нѐ убијат сите.
Групите кои се членки на Зелен хуман град речиси 15 години континуирано протестираат за своите каузи без оглед кој е на власт“.
Се обраќаат како што навестуваат во соопштението до сограѓаните кои се членови на партиите на власт. Порачуваат дека партијата нема да ги спаси од болести.
„Партијата нема да ве спаси од умирачка! Не молчете! Бидете гласни внатре во партијата! Не им дозволувајте на вашите сопартијци поради лична придобивка да ви ги загрозуваат животите! Побарајте одговорност од секој член на вашата партија што се сомневате дека сака да го прикрие труењето од Тораница! Од Крива Река и од Тораничка се наводнуваат посеви, се напојува добиток! Сите сме загрозени! Излезете на улица, не сте ничии робови, раководните лица во партијата не ви се господари! Борете се принципиелно за сопственото право на здравје, за сопственото право на живот! Дојдете со нас, сите заедно да побараме одговорност, транспарентност и итни мерки за заштита на нашето здравје и животната средина“, порачуваат од Зелен хуман град.
Нагласуваат дека доколку институциите сакаат да ги блокираат на социјалните медиуми, ќе им дојдат на врата за да ги чујат!
Според нив институциите треба да се потсетат зошто постојат, кој ги плаќа и кому треба да му служат.
Текстот Непростливи се институционалните пропусти за Тораница, одговорност веднаш: Зелен хуман град повикува на протест е превземен од МАКФАКС.