Вчерашната фотографија на Јавниот обвинител Коцевски и министерот за внатрешни работи Тошковски, како потпишуваат меморандум за соработка во борбата против корупцијата, беше горчлива иронија за правдата и симбол на заробена држава, велат од ДУИ.

Интегративците во соопштението наведуваат дека наместо тоа ракување, таа сцена требаше да биде истражна постапка во која министерот за внатрешни работи дава отчет за неговата улога во трагедијата во Кочани.

„Повеќе од една година, ноќен клуб функционирал без лиценца, со целосно знаење на командниот синџир на локалната полиција. И покрај внатрешните предупредувања за сериозни прекршувања – вклучително и присуство на малолетници, употреба на дрога и пиротехника – не беше преземено ништо. Таа негрижа доведе до трагична загуба на над 60 животи и повредување на над 200 лица“, велат од ДУИ.

Се додава дека наместо да покаже чувствителност и да преземе одговорност, министерот Тошковски продолжува да ја избегнува секоја морална или правна одговорност. Ова однесување го зацврстува впечатокот за заробена држава, каде што правдата е селективна и политички контролирана, смета ДУИ.

Партијата го повика обвинителството да постапува независно и со интегритет, без одлагање и без политички влијанија, и да ги истражи сите кои потфрлиле во својата должност да ги заштитат граѓаните.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски и Јавниот обвинител на Македонија, Љупчо Коцевски вчера потпишаа нов Протокол за соработка помеѓу МВР и Јавното обвинителство.

Министерот Тошковски образложи дека документот утврдува јасни насоки и правила за постапување на полициските службеници и јавните обвинители, во активностите што се преземаат за откривање и гонење на сторители на кривични дела, а во исто време треба да го подобри функционирањето и ефикасноста на кривичниот прогон како дел од кривично-правниот систем.

Текстот ДУИ: Горчлива иронија е фотографијата од Коцевски и Тошковски кои потпишуваат меморандум за борба против корупцијата е превземен од МАКФАКС.