Во Скопје попладнево се одржа протест на иницијативата „Кој е следен“, на кој се бараше правда за жртвите во досегашните трагедии, а беа прочитани и имињата на 61 жртва од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, 14-те жртви во пожарот во модуларната болница, 45-те жртви од сообраќајната несреќа на автобусот на „Беса транс“, на 16-те жртви во превртениот автобус на „Дурмо турс“ кај Ласкарци, 22-те жртви од поплавата во Стајковци на 6 август 2016, како и на загинатите кои беа прегазени од автомобили на улиците.

„Денеска сме на улица да се избориме против системот кој не’ тера да ги заборавиме сите овие трагедии. Исто така протестираме за сите барања кои се изнесени во јавноста досега и властите се запознаени. Но, повеќе се вртат муабети кои сме ние, наместо да се обрати внимание на она што ние го бараме“, рече Анастасија Митревска од „Кој е следен“ на почетокот на протестот.

Протестот почна пред Владата, а потоа продолжи кон Собранието. На крајот, пред Основниот кривичен суд во Скопје дел од претставниците на „Кој е следен“ имаа свои обраќања изјавија дека не се нечии платеници туку се економисти, правници, ИТ инженери, психолози, доктори, учители, урбанисти кои немаат партиски штаб.