Сите коалиционери во Вреди, освен министерот за здравство и лидер на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, сметат дека единствена опција им е коалицијата да прерасне во политичка партија. Министерот за животна средина и лидер на партијата Демократско движење која е дел од Вреди, Изет Меџити, денес јавно, од говорницата во Владата го повика Таравари да ги прекине преговорите со ДУИ и да остане во Вреди за Албанците да имаат два табора, како што има во Косово и во Албанија.
„Јавно го поканувам Таравари да рефлектира. Тој е дел од Вреди, го сакаме внатре во Вреди. Граѓанинот, гласачот, сака Вреди за се фузира во една партија за да има два табора во албанскиот блок, да има конкуренција меѓу Албанците. Да не биде еден наспроти десет за и да се распредели албанскиот глас, туку да има два табора. Најсилниот табор е Вреди каде е Алијанса на Таравари, каде го посакуваме, но последно време е да се повлече од преговорите со ДУИ. Не може да биде и дел од Вреди и да разговара со ДУИ“, рече Меџити.
Тој побара Таравари да се одлучи и да пресече оти не е во интерес ниту на коалицијата ниту на граѓаните да преговара со ДУИ.
„И јас и тој вчера избегавме од ДУИ која не беше на ова дереџе. Сега една ДУИ која е на црните листи, со пола претседателство затрени за корупција, соработката со нив ќе значи дека треба да се испорачаат и фактури оттаму оти тие ќе имаат некои барања. Преговори со ДУИ значат дека може да испорача и фактури од ДУИ. Тогаш ќе се коси со политиките на Владата“, рече Меџити.
Тој и денес, исто како и претходните денови, објаснуваше дека коалицијата Вреди е формирана како антипод на ДУИ и дека идејата да прерасне во една политичка партија е од формирањето на коалицијата. Се чекал погоден момент, а наводните преговори на Таравари со ДУИ биле аларм дека тоа мора да се направи сега.
„Ова не е нова идеја туку е идеја од почеток. Тогаш не сакавме ниту да избрзуваме со овој процес ниту да го оставиме на заборав. Затоа оценивме дека е време посебно со вие превирања каде господинот Таравари јавно искажува дека има две опции, се поставува како партнер, не дел од Вреди, значи може да преговара и со Вреди и со ДУИ. Во оваа ситуација оценивме, другиот дел од Вреди, дека е време да ги затвориме темите на мали политички партии и да го формираме Вреди како алтернатива на Албанците која ги донесе промените, победи на изборите и ќе ги предводи промени за граѓаните да ги чувствуваат разликите“, рече Меџити.
Преминот на Вреди од коалиција во еден политички субјект, според Меџити реално е почнат од мината година оти веќе имаат заеднички тела како што е центарот за информирање, кадровската комисија и други тела во кои свои членови имаат сите коалиционери во Вреди.
Како коалиција, Меџити рече дека Вреди освоила историски рекорден број гласови како албанска опозиција, но гласовите не се на само една партија која е дел од коалицијата туку на сите заедно и затоа смета дека обврска им е така и да продолжат.
„Од деведесеттите досега имало коалиции и коалиции. Десетици и стотици коалиции во Република Северна Македонија, но никогаш не се случило во Влада да се заедно, а на локални да одат на посебни листи и да се поделат“, рече Меџити и потврди дека Таравари бил надгласан од останатите коалиционери оти предложил сите да одат со посебни листи.
Како втор политички аргумент против предлогот на Таравари, Меџити наведе дека за листите за советници основата е Донтовиот систем кој што ги фаворизира големите.
„И ние како Вреди сме во големите и место да користиме гласови кои ќе изгорат кај малите политички субјекти, ние бараме од големите да преминеме кај малите. Тоа веќе не е во интерес и во функција на Вреди туку оди во прилог на друга политичка партија“, рече Меџити.
Министерот за здравство и лидер на Алијанса за Албанците Арбен Таравари, пак, вчера рече дека ако останатите коалиционери во Вреди веќе се договориле да се спојат во една политичка партија, тој е подготвен да им го отстапи името Вреди, а на локалните избори да излезат сами како Алијанса за Албанците. Отсечно негираше дека преговара со ДУИ за локалните избори и кажа дека му се допаѓа концептот Вреди да прерасне во политичка партија.