Министерот за здравство Арбен Таравари информираше дека во моментот во установите во Скопје се хоспитализирани 22 пациенти, сите стабилни и во добра состојба, од кои 8 пациенти денеска се пуштаат на домашно лекување.

„Во моментот 8 пациенти се лекуваат во Клинички центар, од кои 6 на токсикологија и 2 на пластична хирургија, 6 пациенти во Стара градска болница, 5 во ГОБ 8 Септември и 3 во Систина. Во странство во моментот се хоспитализирани 91 пациент, а денеска е планирано да се вратат вкупно 9 пациенти од повеќе земји – Унгарија, Италија, Грција, Србија и Шведска“, истакна Таравари.

Во однос на пациентите кои се во критична состојба, министерот посочи дека одредени лабораториски иследувања покажуваат подобрување во однос на претходните денови.

„По враќањето на пациентите од странство, мора да се придржуваме до протоколите од кризниот штаб, односно задолжително се вршат токсиколошки анализи и се спроведува 24-часовен надзор“, порача министерот.