Владата апелира медиумите да се придржуваат до етичките принципи.
„Во овие тешки моменти уште еднаш го повторуваме упатениот апел до медиумските екипи што присуствуваат на денешниот погреб на жртвите од трагичниот пожар, кој настана во кочанската дискотека, да се придржуваат до етичките принципи. Повеќето од медиумите не емитуваат и не шират фотографии и видеоматеријали од семејствата на настраданите, а оние што објавиле такви содржини – уште еднаш апелираме да се придржуваат до етичкото информирање“, посочуваат од Владата.
Чувствителноста на трагедијата и личната болка на семејствата во овој момент не треба да бидат цел на сензационализам, емотивни наративи, фотографии и видеа, додаваат од таму.
„Ги повикуваме медиумите да ги почитуваат приватноста и достоинството на семејствата и во никој случај со медиумското известување не треба да се предизвика лично вознемирување и вознемирување на јавноста. Уште еднаш упатуваме апел до медиумите да пренесуваат проверени факти, да избегнуваат шпекулации и дезинформации, да ја запазуваат приватноста на семејствата на жртвите. Во исто време им се заблагодаруваме на медиумите што известуваа професионално и ги почитуваа препораките за известување од погребот на жртвите од трагичниот настан“, завршуваат од Владата.























