Каква е подготвеноста и ефективноста на системот за справување со болеста африканска чума кај свињите при евентуална нејзина појава, но и кои мерки треба да се преземат за негово подобрување, се дел од прашањата на кои во рамки на симулациската вежба за болеста африканска чума кај свињите, денес и утре во Велес и во Башино село, одговори ќе бараат експерти од Европската унија и од Македонија, претставници од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и од други институции и невладини здруженија и федерации.
– Согласно Одлуката за планови за итни мерки кај животните, а во врска со Законот за ветеринарно здравство, како раководител на Националниот центар за контрола на болеста, за исклучително важна за нас како држава и институција ја оценувам можноста за соработка на меѓународните и домашните експерти за справување со болеста африканска чума кај свињите, болест со која и ние како држава и институција бевме исправени пред предизвикот да се справуваме. Од голема важност е и можноста за спроведување на обука за справување со оваа болест, во рамки на оваа симулациска вежба, која се одржува во организација на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и во соработка со Организацијата за земјоделство и храна на Обединетите нации – (FAO). Токму овие два дена ќе бидат основа за тоа како треба да се дефинираат и реализираат идните постапувања при евентуална итна кризна или вонредна состојба при појава на болеста, која го загрозува здравјето или благосостојбата на животните и претставува закана не само за питомата, туку и за дивата популација свињи, за што бевме сведоци во минатото – рече на денешното отворање на симулациската вежба во Велес директорот на Агенција за храна и ветеринарство, Оливер Миланов.
Целта на вежбата, истакна тој, е да се спроведат мерките и процедурите во случај на појава на сомнеж, или потврда на болеста, активности кои треба да ги реализираат, одгледувачите, институциите и операторите, а кои ќе значат тестирање на функционирањето и поставеноста на Националниот центар и на локалните центри за контрола на болести.
-Активностите кои ќе се спроведат во рамки на симулациската вежба се однесуваат и на собирање на податоци и нивна анализа и следствено на тоа, донесување на правни акти со цел регулирање на постапките од страна на официјалните ветеринари за понатамошно функционирање – рече Миланов.
Текстот Во Велешко почна симулациската вежба за справување со болеста африканска чума кај свињите е превземен од МАКФАКС.