Податоците на „Флајтрадар“ покажуваат дека мал авион „муни овејшн М20Р“, кој полетал од Загреб, исчезнал нешто по 8 часот наутро во областа Велика Планина во Словенија.

„24.ур“ пишува дека се работи за американски авион, кој почнал спирално спуштање од височина од 2,5 километра.

Љубљанската полиција изјавила дека, најверојатно, се работи за авионска несреќа поради што во реонот се трага. Подоцна, полицијата соопшти дека била известена оти комуникацијата на малото летало со контролата на летање била прекината, пренесе „Индекс.хр“.

„Контактот со леталото е изгубен од засега непозната причина во областа Велика Планина, каде што полицијата и спасувачките служби моментно вршат активности. Потрагата е отежната поради екстремно лошите временски услови и слабата видливост, што исто така го отежнува летањето на спасувачките хеликоптери“, додаваат тие.

Според првичните информации, во авионот имало едно лице, јавува порталот „Камник инфо“. Покрај полицијата и пожарникарите, во потрагата учествуваат и планински спасувачи од Камник и Целје.