Соединетите Држави ги информирале сојузниците дека не планираат да учествуваат во идните воени вежби во Европа, освен оние кои се веќе закажани за 2025 година, објави шведскиот медиум „Експресен“.

Според нивните извори, оваа одлука ќе влијае на неколку планирани вежби во Шведска, кои се уште се во фаза на подготовка.

Доналд Трамп, откако ја презеде функцијата во јануари, јасно стави до знаење дека сака да ги префрли американските безбедносни приоритети на Кина и на индо-пацифичкиот регион.

Последните потези на Трамп предизвикаа загриженост кај европските сојузници, вклучително и намалувањето на воената помош и разузнавањето за Украина и исклучувањето на европските земји од мировните преговори со Русија во Саудиска Арабија.

Европските земји, свесни за промените во глобалната безбедносна политика, почнаа да се прилагодуваат на новите околности. Членките на ЕУ се договорија за распределби кои би можеле да достигнат 800 милијарди евра за трошоците за одбрана.

Соединетите Американски Држави веќе долги години спроведуваат воени вежби со европските партнери за да ја подобрат соработката и да ја тестираат подготвеноста на силите, но оваа промена сигнализира нова насока за американската надворешна и одбранбена политика, пишува „Експресен“.

Текстот Шведски весник: САД се повлекуваат од воените вежби во Европа е превземен од МАКФАКС.