На последниот состанок на кабинетот свикан од американскиот претседател Доналд Трамп, дојде до жесток конфликт меѓу државниот секретар Марко Рубио и милијардерот-претприемач Илон Маск. Инцидентот се случил за време на дискусијата за реорганизацијата на владата и намалување на државните трошоци, а конфликтот започнал кога Маск го обвинил Рубио дека не направил доволно отпуштања од своите потчинети.
„Не сте отпуштиле никого“, му рекол Маск на Рубио, на што државниот секретар му одговорил дека е тоа погрешно, нагласувајќи дека од Стејт департментот веќе биле отпуштени 1.500 вработени.
Во инцидентот, Маск не се повлекол и саркастично му се обраќал на Рубио, нарекувајќи го „одличен за телевизија“, алудирајќи на неспособноста за управување. Според сведоците, претседателот Трамп ја набљудувал ситуацијата од своето место, без да интервенира во почетокот, но на крајот се вмешал во одбрана на Рубио, пофалувајќи го за неговата работа.
„Рубио врши одлична работа. Тој е многу зафатен, патува, има медиумски настапи и се справува со предизвиците на надворешната политика“, рекол Трамп.
Њујорк тајмс објавил дека овој инцидент претставува „пресвртен момент“ и дека претседателот ја има намера да го ограничи влијанието на Маск, чија активност веќе привлекува контроверзи, а неговите потези предизвикале незадоволство во редовите на републиканците.
Се вели дека овој состанок бил сигнал дека Трамп е загрижен за растечкото незадоволство и дека се обидува да одржи рамнотежа, обидувајќи се да го задоволи и Маск и членовите на својот кабинет. Во исто време, Трамп ја потврдил поддршката за Масковите иницијативи за реорганизација на владата, но повикува на пореалистичен и понеутрален пристап.
Извори исто така нагласуваат дека министрите ќе бидат одговорни за кратењата на персоналот, додека тимот на Маск ќе има само консултативна улога во целиот процес.