Претседателот на Пратеничката група на Собранието на РСМ за соработка со парламентите на: Република Казахстан, Киргистанска Република, Република Таџикистан, Република Узбекистан и Туркменистан, Никола Коњановски, оствари денеска средба со амбасадорот на Казахстан во земјава Садбалди Бурашов.

Во оваа прилика, амбасадорот Бурашов врачи покана за посета на пратеници од Собранието на Република Северна Македонија на Парламентот во Астана во текот на оваа година, кога се одбележуваат три децении од воспоставувањето дипломатски односи на нашата земја со Казахстан. Поканата е потпишана од претседателот на Групата за соработка со Собранието на РСМ во Парламентот на Казахстан.

Коњановски изрази задоволство од билатералните односи меѓу двете земји, посочувајќи дека постои взаемна волја за продлабочување на соработката, посебно во економијата, културата, туризмот и во други сфери од заеднички интерес.

Соговорниците ја потврдија потребата од интензивирање на бизнис-соработката и разменија мислења околу мерките што би можеле да се преземат во таа насока, вклучително со организирање бизнис-форум во земјава за стопанственици од Казахстан.