Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) месецов почнува со дигитална трансформација. Ректорката Билјана Ангелова најави дека првин ќе се дигитализираат студентските сервиси, а ќе се работи и на електронски индекс за што таа смета ќе треба подолго време.

„УКИМ почнува со дигитална трансформација многу бргу, веројатно од овој месец почнуваме со првите чекори. Најнапред ќе ги дигитализираме сите студентски сервиси. Планот е до почетокот на новата учебна година основните студентски сервиси комплетно да бидат дигитализирани и се разбира да завршиме со електронскиот индекс. Ова е процес, ќе трае, мојата процена е дека можеби во текот на една или една и пол година овој процес може да се заокружи. УКИМ влегува во овој процес и тоа е наш приоритет“, рече рекотрката Ангелова денес пред почетокот на научната конференција „Новите предизвици во високото образование и синдикалното движење“ во организација на Сојузот на синдикатите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Вториот приоритет на кој работи УКИМ, како што кажа Ангелова, е квалитетот на наставата, квалитетот на истражувањата и општо квалитетот на Универзитетот.

Дигитализацијата и подобрувањето на квалитетот се двата клучни процеса на кои ќе работат во следниот период, а од кои ректорката Ангелова очекува подобрување на рангот на Универзитетот.

Текстот За електронски индекс ќе треба една и пол година, месецов почнува дигитализација на студентските сервиси на УКИМ, вели ректорката Ангелова е превземен од МАКФАКС.