Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска побара од Социјалдемократски сојуз (СДСМ)  да го исклучи Филип Андонов од член на Централниот одбор на партијата.

Ваквиот повик на власта доаѓа, откако дел од медиумите објавија дека меѓу осомничените во акцијата на МВР и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) за злоупотреби во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари е и поранешниот директор на оваа казнено-поправна установа, Филип Андонов викан Сокол.

Од владејачката партија ги повторија обвинувањата дека ексдиректорот од затворот во Шуто Оризари направил хотел, овозможувајќи им на осудени лица да излегуваат кога сакаат и каде сакаат со тоа што униформирани лица тајно ги транспортирале со службени возила до местата каде тие сакале.

„СДС и Филип Андов Сокол наместо да се борат против криминалот преку нив државата  работела за криминалците. СДС да не го штити туку да го осуди и исклучи од ЦО Филип Андов Сокол. Правда и одговорност мора да има. Време е корумпираните носители на јавни функции да бидат онеспособени и спречени да го корумпираат општествениот систем. Приоритет на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е одлучна, неселективна и бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата во општеството“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од Министерството за внатрешни работи (МВР) завчера соопштија дека се поднесени кривични пријави против 10 лица, меѓу кои и против поранешниот директор на истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари, Ф.А. и затворскиот полицаец С.К.  кои се сомничат за злоупотреба на службена положба и овозможување бегство на лице лишено од слобода.

Текстот СДСМ да го исклучи Сокол од член на Централниот одбор на партијата, бара ВМРО-ДПМНЕ е превземен од МАКФАКС.