Грчката полиција употреби солзавец врз демонстрантите кои фрлаа молотови коктели на протестот по повод втората годишнина од железничката несреќа во Темпи во која загинаа 57 лица.
Меѓу жртвите имаше и студенти, а несреќата се случи кога патнички воз, преполн со студенти, удри во товарен воз во 2023 година.
Десетици илјади луѓе се собраа во центарот на Атина за да побараат правда, објави „Прототема“.
Демонстрантите носеа црни балони и транспаренти со пароли како: „Вие броите добивки. Ние броиме животи“.
Во Грција денеска почна 24-часовен штрајк на вработените во транспортот, бизнисот и училиштата, а се очекуваат масовни протести ширум земјата на втората годишнина од железничката несреќа во Темпи во која загинаа 57 лица.
Сите меѓународни и домашни летови беа суспендирани бидејќи контролорите на летање им се придружија на морнарите, машиновозачите, лекарите, адвокатите и наставниците во 24-часовниот генерален штрајк за да им оддадат почит на жртвите од несреќата.
Бизнисите се затворени, театрите ги откажаа претставите, а илјадници луѓе се очекува да излезат на плоштадот Синтагма во центарот на Атина, како и во други градови, под силен полициски надзор.
ГСЕЕ, најголемиот синдикат на приватниот сектор, соопшти дека повикал на штрајкот „конечно да се спроведе владеењето на правото, за да нема прикривање и за одговорните да бидат казнети“, пренесува Ројтерс.
Истрагата за несреќата се уште е во тек и никој не е осуден, а владата на премиерот Киријакос Мицотакис ја отфрла одговорноста, одбивајќи да побара парламентарна истрага за политичка одговорност.
Текстот Инциденти на протестот во Атина на годишнината од железничката несреќа, полицијата употреби солзавец е превземен од МАКФАКС.