Соединетите Држави и Британија преговараат за билатерален трговски договор, изјави американскиот претседател Доналд Трамп на заедничката прес-конференција со британскиот премиер Кир Стармер, велејќи дека таквиот договор може да помогне да се избегнат американските царини.

„Ќе имаме одличен трговски договор“, рече Трамп. „Ќе завршиме со многу добар трговски договор за двете земји и работиме на тоа“.

Стармер рече дека двете земји почнале да работат на нов економски договор, со напредна технологија во неговото средиште, за зајакнување на веќе силните трговски односи.

Трамп истакна дека контурите на трговскиот договор меѓу двата сојузници може да се договорат „многу брзо“, велејќи дека неговиот секретар за финансии Скот Бесент, потпретседателот Џеј Ди Венс, министерот за трговија Хауард Лутник и советникот за национална безбедност Мајк Волц ќе учествуваат во разговорите. Тој рече дека очекува трговскиот договор да биде склучен „прилично брзо, што е можно побрзо“.

Запрашан дали Стармер го убедил да се откаже од најавените реципрочни царини, Трамп рече: „Тој се обиде“, пофалувајќи ги преговарачките вештини на Стармер.

„Тој работеше навистина напорно за време на ручекот“, рече тој. „Мислам дека многу лесно би можеле да завршиме со вистински трговски договор каде царините нема да бидат потребни. Ќе видиме“.

Текстот Трамп: Брзо ќе имаме одличен трговски договор со Велика Британија е превземен од МАКФАКС.