Публикацијата „Справување со дезинформациите на социјалните мрежи – предизвици и перспективи (анализи)“ донесува авторски анализи на д-р Снежана Трпевска од Институтот РЕСИС, Светлана Сиљјаноска – консултантка за стратешки комуникации и справување со дезинформации, и Филип Стојановски од Фондацијата Метаморфозис. Авторите имаат повеќегодишно искуство во спроведување проекти, истражувања и анализи во сферата на медиумите и јавната комуникација, дел од кои се однесуваат на справувањето со дезинформациите и други видови на штетни содржини на социјалните мрежи и во медиумите.
Заеднички заклучок на анализите во оваа публикација е дека социјалните мрежи се користат како главен канал за дистрибуција на дезинформации, манипулативни и штетни содржини, коишто имаат сериозни последици за демократските општества и човековите права, како и учеството на граѓаните во процесите на донесување одлуки, вклучувајќи ги и изборните процеси. Анализите се осврнуваат на повеќе важни аспекти, вклучувајќи ја европската и националната легислатива и механизмите за спречување на ширењето дезинформации и штетни содржини на големите онлајн платформи, примери за нивното влијание и начините на адресирање во повеќе земји, како и на улогата на доверливите означувачи и проверката на факти во справувањето со овие феномени.
Анализите донесуваат и препораки за решенија и акции што можат да се преземат од страна на институциите, образовниот систем, медиумските и граѓанските организации и други општествени чинители, кои би придонеле за подобро справување со овие предизвици, при што се нагласува потребата за заеднички и координиран пристап на целото општество и сите засегнати страни.
Публикацијата е дел од активностите на Институтот за медиуми и аналитика ИМА, поддржани од Европскиот фонд за демократија (European Endowment for Democracy) од Брисел, и е придонес за остварување на заложбите на ИМА за унапредување на демократијата и човековите права, преку соработка со институциите, граѓанските организации и медиумите за справување со штетите од поларизацијата, говорот на омраза, дезинформациите и нападите врз критичките мислители во медиумите и јавната комуникација.
Публикацијата може да се симне на следниот линк:
Справување со дезинформациите на социјалните мрежи – предизвици и перспективи (анализи)
Извор: ima.mk