Стоматолозите се загрижени за актуелните случувања во Стоматолошката комора на Македонија под водство на Маријан Денковски. Неговите одлуки и политики, како што велат, од ден на ден предизвикуваат се поголеми проблеми и незадоволство помеѓу стоматолозите.
„Во демократско општество, изразувањето на мислењето и дијалогот на интелектуалците може да биде само најефикасен начин за доаѓање до вистински конструктивни решенија на проблемите, за жал, за претседателот на СКМ тоа е основ за поведување на дисциплински постапки, санкции и прогон на своите колеги.
Д-р Маријан Денковски, против своите неистомисленици поведува дисциплински постапки пред Судот на честа кој се занимава со се освен со задачата која му е доделена со Законот за здравствена заштита.Во Комората владее целосен тоталитаризам и самоволие, се прогонуваат членови на здруженија и делегати, се воведуваат глоби и парични казни за кои не постои никаква законска основа, нереално прикажани финансиски извештаи, ненаменско трошење на средствата од фондот за солидарност, се елиминираат одредени здруженија a се фаворизираат други, итн. Самоволието оди до тој степен што комората не почитува пресуди на Уставен и Управен суд“, истакнуваат во информацијата.
Веруваат, како што велат, дека во државата постојат институции кои ќе застанат на патот на таквото самоволие во стоматолошката комора и ќе го вратат достоинството на докторите по дентална медицина. Бараат веднаш министерот за здравство да постапи согласно неговите законски надлежности и да стави крај на ваквото владеење.
„Поради се погоре наведено и предизвикана материјална и нематеријална штета на угледот и честа на голем број колеги но и финансиска штета на средствата од сите членови на комората сметаме дека најмалата работа што Маријан Денковски треба да ја направи е да си поднесе итна и неотповиклива оставка од функцијата на која е избран спротивно на Статутот за кој избор се уште е во тек управна судска постапка“, потенцираат во реакцијата.
Текстот „Во Стоматолошката комора владее целосен тоталитаризам и самоволие“: Стоматолозите бараат оставка од Денковски е превземен од МАКФАКС.