Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити денеска заедно со претседателот на Собранието Африм Гаши, министерот за социјална работа, демографија и млади Фатмир Лимани и градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, беше на посета во скопската населба Хасанбег (Ченто) каде најави наскоро започнување на два капитални проекти за оваа населба.

„Ветување неисполнето со години од минатите влади сега станува реалност! Хасанбег конечно ќе ги добие атмосферскиот канал и државната детска градинка кои одамна беа ветени, но никогаш реализирани“, изјави Меџити.

„Да не заборавиме: страшните поплави во 2016 година однесоа 23 животи и уништија домови, земјишта и бизниси. Но, тогашната влада не ги презеде неопходните мерки за да спречат слични трагедии во иднина. Недостатокот на соодветна дренажа беше еден од главните фактори за катастрофалните штети. Сега, оваа грешка ќе биде исправена!“, рече Меџити.

Тој најави дека оваа значајна инвестиција, вредна 38 милиони денари, ќе овозможи изградба на канал во должина од 1.350 метри и ширина од 4 до 10 метри, во зависност од близината на куќите.

„Овој проект не е само инфраструктурна интервенција, туку посветеност на безбедноста, животот и достоинството на жителите на Хасанбег“, изјави првиот вицепремиер Меџити.

Проектот ќе се реализира со поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање, во соработка со општина Гази Баба, со што ќе се означи важен чекор кон правдата и безбедноста за жителите од овој крај.