Во населбата Цветан Димов, на улицата Марко Цепенков бр. 4, влез 1, успешно е завршена првата реконструкција на фасада на станбена зграда со финансиска поддршка од Општина Кисела Вода, извести општината.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес се сретна со станарите, кои преку овој проект добија значително подобрување на условите за домување и зголемена енергетска ефикасност.
Се работи за жители на општината кои успешно аплицираа на јавниот повик за набавка на термоизолациони материјали за реконструкција на фасади на станбени згради за колективно домување на територија на Општина Кисела Вода. Финансиските средства за овој проект во висина од 277.612,00 денари беа обезбедени од Буџетот на Општина Кисела Вода.
-Денеска сведочиме на првиот успешно реализиран проект за реконструкција на фасада со финансиска поддршка од Општина Кисела Вода. Оваа иницијатива е дел од нашата посветеност кон подобрување на животниот стандард на граѓаните и унапредување на енергетската ефикасност во колективното домување. Свесни сме дека добрата термоизолација не само што ги намалува трошоците за енергија, туку и значително придонесува за поквалитетен живот на станарите. Овој проект е само почеток, а нашата намера е да продолжиме со поддршка за што повеќе згради во иднина. Ги охрабрувам сите заедници на сопственици и управители на згради да аплицираат на ваквите повици и да ја искористат можноста за подобрување на своите домови-истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Општина Кисела Вода продолжува со своите активности за поддршка на колективното домување и зголемување на енергетската ефикасност. Според условите на јавниот повик, за оваа субвенција можеа да аплицираат заедници на сопственици или управители на станбени згради изградени пред 2010 година, соопшти општината.