А, уште пофасцинантно е како, преку ноќ се обесмислуваат сите наши локални наративи: од стандардните анти-ЕУ, преку квази-идентитетските, до оние за “вековната неправда” – тешко дека во бруталниот прагматизам на новата американска администрација може да се пронајде, а потоа и точно да се дефинира терминот “праведно”. Па, оттаму од сите три наратива, од кои “две во едно” – идентитет преку праведност, се анулирани и релативизирани; останува клучниот – про или анти-ЕУ.
Новоразбудениот восхит за САД, на ниво на истата фасцинантна површност, би требало да оди “рака под рака” со восхит за ЕУ, восхит за целиот нивен придонес (политички и финансиски) за опстанокот на Македонија како функционална држава, восхит за демократијата и владеењето на правото, восхит за НАТО, восхит за сите политички договори, кои всушност и ја гарантираат и дефинираат нашата независност (Охридскиот договор, Преспанскиот договор и Договорот со Бугарија). Но, ништо од ова го нема во јавниот дискурс, како и до сега, освен сувопарно, дискутабилно и таргетирано “одушевување од САД”. Или попрецизно, одушевување од очекувањата од оваа администрација на САД.
Веројатно прво, метафорички да не “екстраполираат” од европскиот континент и да не сместат во некоја замислена (супериорна) позиција, над сите во регионот (особено над Бугарија и Грција). Нас “чуварите на идентитетот” поради чија наводна загрозеност се’ уште не сме ги завршиле обврските од преговарчаката рамка.
А, потоа, како што би рекол “пријателот Милорад Додик” – “единствено што очекуваме од новата администрација на САД е да не’ остават на мир, да правиме што сакаме”. Што би било тоа во неговиот случај е кристално јасно, но што би било тоа во нашиот случај е апсолутно нејасно. Од позиција на интересите на Северна Македонија.
Сите прашања се реторички, затоа што тешко дека “елитите” може да го сокријат одушевувањето од можноста конечно транспарентно да бидат против ЕУ. Платени од САД и ЕУ, сите овие години, за глумење на про-американство и про-европејство.
Конечно, кога е најкомплицирано, работите се извадени на “чистина” – сега јасно се гледаат идеалистите, опортунистите и лукративните. Не дека не беше видливо и до сега. Јасно се гледаат комунистичките и југословенските елити. Јасно се гледа “заробената држава”. И причината за заробувањето. Јасно се гледа туѓиот хегемонизам. И нашата неукост и несвесност.
Она што единствено не се гледа е историската позиција на “нашето парче земја” – кажано во духот на новото време, и неговата судбина во вакви историски пресврти. Каде сме биле во текот на целиот 20-ти век и каде сакаме и мораме да бидеме во 21-от век. Но, сега како независна и суверена држава, која во променети околности мора да биде дел од природното опкружување – културолошки, цивилизациски, политички географски, економски – ЕУ.
Ако, уставните измени не се завршат во најкраток можен рок, покажуваме флагрантно непочитување кон сопствената независност и патот до кој до неа е дојдено. Историски парадокс и најголема неправда кон самите себе си, ако веќе милуваме да зборуваме за неправди.
И на крајот за историјата. Европа, името на нашиот континент, го добива по името на феникиската принцеза Европа. Митот за “грабнувањето на Европа” од страна на врховното хеленско божество Зевс е широко познато. Исто како и потрагата по неа, од страна на нејзиниот брат Кадмо и неговата сопруга Хармонија. Кадмо и Хармонија, на крајот се населуваат кај Енхелејците, во поширокиот регион на Охрид, Струга, југоисточна Албанија и северозападна Грција.