Членовите на централното претседателство на Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска го потпишаа Кодексот за добра пракса и интегритет на партијата. Ова следува по отпочнување на процесот на ветинг од страна на пратениците од редовите на ДУИ на 13 февруари 2025 година, што, според партијата, претставува клучен чекор во сеопфатниот процес на реформи и ветинг во нивните редови.

Од ДУИ велат дека Кодексот на добри практики и интегритет, кој е усогласен со меѓународните стандарди на Венецијанската комисија и Парламентарното собрание на Советот на Европа, претставува цврсто ветување од страна на централното претседателство на ДУИ дека посветено поддржува етичко управување.

Претседателот на ДУИ Али Ахмети истакна: „Денес, нашите членови на централното претседателство започнуваат да се подложуваат на процес на ветинг и го потпишуваат Кодексот за добра практика и интегритет, со што го продолжуваат процесот на реформа на ДУИ. Со тоа ја потврдуваме својата силна посветеност на транспарентноста и етичкото лидерство“.

Се додава дека сеопфатната реформска стратегија на ДУИ вклучува не само пратеници, туку и високи партиски функционери и лидери на локалните партиски ограноци.

Од партијата истакнуваат дека овој инклузивен пристап е креиран да го зајакне антикорупцискиот став на партијата и да промовира култура на интегритет во сите политички процеси.