Логичен е извештајот на „Транспаренси интернешнл“ за 2024 година, кој покажа дека земјата паднала за два индексни поена во борбата против корупцијата, вели премиерот Христијан Мицкоски, кој смета дека е добро што се само два поена. Тој денес рече дека очекувал друг резултат по сите злоупотреби на европското знаме и коруптивни скандали во периодот на претходната влада.
„Детаљно го анализирав извештајот и тоа е добра основа, од каде што сега ќе можеме да почнеме да ја подобруваме нашата позиција. Апсолутно ќе ги задолжам и денеска на владината седница соодветниот министер и другите јасно да ги дететктираат слабостите што таму прилично јасно се детектирани и тие работи да не ни се повторат. Нема да ни се повтори повеќе ‘Соравија’ во центарот на Скопје, нема измени на Кривичниот законик со злоупотреба на европското знаме, нема да ни се повторуваат ‘бентли’, ‘астон мартин’, ‘ролс-ројс’ на блиски роднини на нашите семејства, нема да ни се повторат наместени тендери, парцели за фотонапонски централи на високи владини функционери и така натаму. Сето тоа е нотирано тука во извештајот и за нас претставува добра основа за понатаму да следиме дали ќе напредуваме, ќе бидеме подобри или полоши“, рече премиерот Мицкоски.
Индексот на перцепција на корупцијата на „Транспаренси интернешнл“ за 2024 година покажува пад од два индексни поена на земјата во однос на минатата рангирајќи ја на 88. позиција заедно со Казахстан, Суринам и Виетнам.