Претседателот на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски денес оствари работна средба со министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, во рамките на 24-та седница на Управниот одбор на ЗЕЛС.
Целта на овој состанок произлегува од Меморандумот за разбирање, кој ЗЕЛС и Владата го потпишаа во август минатата година, а согласно кој вакви средби треба да се одржуваат редовно.
На средбата се разговараше за финансиската стабилност на општините, потребата од зголемување на блок и наменските дотации, како и можноста за поголемо учество на локалната самоуправа во приходите од даноци.
-Она што е заложба на општините, членки на ЗЕЛС, е да се обезбеди поголема финансиска стабилност, да се зголемат блок и наменските дотации и да се овозможи сите надлежности да се вршат со доволно средства, односно онолку колку што ресорните министерства трошеле за истата надлежност кога била во нивни раце. Тоа е согласно Европската повелба за локална самоуправа и ние инсистираме на нејзино почитување-истакна Ѓорѓиевски.
Една од клучните теми беше и распределбата на средствата од Унгарскиот кредит, при што претседателот на ЗЕЛС се заблагодари на Владата и премиерот Христијан Мицкоски за доделените грантови, нагласувајќи дека општините ќе се обидат тие да бидат искористени најефективно за доброто на граѓаните.
Во разговорот со министерката беше отворено и прашањето за зголемување на приходите од споделените даноци, каде што според Ѓорѓиевски, македонските општини значително заостануваат во споредба со регионот.
-Во Европа, општините добиваат 100% од персоналниот данок, додека кај нас тој изнесува само 6%. Бараме тој процент да се покачи најмалку на 30, а доколку е можно и на 50%. Истото важи и за делот од ДДВ кој општините го добиваат, каде што барањето е негово зголемување од сегашните 6% на најмалку 10%- додаде Ѓорѓиевски.
Посебен акцент беше ставен на блок и наменските дотации за пожарникарството, образованието и детската заштита, каде што, според анализите на ЗЕЛС, општините трошат повеќе средства од своите буџети отколку што добиваат преку дотациите.
Од страна на министерката Димитриеска-Кочоска беше изразена отвореност за соработка во сите сфери што ги тангираат единиците на локалната самоуправа, како и подготвеност за изнаоѓање заеднички решенија. Средбата се одвиваше во конструктивна атмосфера, а особено позитивен сигнал беше даден во однос на распределбата на средствата од Унгарскиот кредит, што ќе им помогне на општините во нивните проекти.