Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, нема официјален план за ставање крај на војната меѓу Русија и Украина и додаде дека е подготвен за разговори со претседателот на Русија, Владимир Путин, кога ќе се постигне разбирање за завршување на војната, пренесоа украинските медиуми.

„Се разбира, САД, претседателот Трамп и земјите од Европската унија веруваат дека дипломатијата е невозможна без Русија, без Путин. И затоа реков: Подготвен сум ако имаме разбирање како ќе заврши оваа војна“, им рече Зеленски на новинарите во Киев, пренесе Интерфакс Украина.

Зеленски навести дека има разбирање за насоката на планот, откако разговарал за некои детали со американските претставници пред инаугурацијата на Трамп, пренесува Танјуг.

„Нашите тимови ќе работат заедно, не може да има план одвоен од никого, дури ни од Соединетите Американски Држави. Да почекаме официјални преговори и официјални резултати“, рече Зеленски.

Според медиумите, американскиот план ќе биде претставен на Минхенската безбедносна конференција која ќе се одржи од 14 до 16 февруари, но пратеникот на Трамп за Украина, Кит Келог го демантираше тоа, наведувајќи дека Трамп прв ќе го претстави планот, без да даде временска рамка.

Претставникот на Трамп рече дека Трамп ќе бара решение прифатливо и за Зеленски и за Путин.

Текстот Зеленски: Трамп нема план да стави крај на војната е превземен од МАКФАКС.