Американскиот претседател Доналд Трамп денеска повторно ја критикуваше американската Агенција за меѓународен развој (УСАИД) тврдејќи дека од таа агенција се украдени милијарди долари, јавува „Anadolu“.

„Изгледа дека се украдени милијарди долари од УСАИД и други агенции, а голем дел од нив одат на лажните медиуми како „исплата“ за производство на добри приказни за демократите“, напиша Трамп на Truth Social.

Неговата објава, според светските медиуми, дојде во време на дебата за медиумските организации кои добиваат владино финансирање што се интензивираше откако технолошкиот милијардер и шеф на Одделот за владина ефикасност (DOGE) Илон Маск критикуваше одредени медиуми за наводно примање плаќања од федерални институции.

Маск, кој беше назначен од Трамп да ја надгледува ефикасноста на владата, го коментираше трошењето на федералниот буџет во X, тврдејќи дека администрацијата на поранешниот претседател Џо Бајден обезбедила средства за одредени медиумски организации.

Маск посебно укажа на плаќањата преку агенции како УСАИД.

„Ова може да биде најголемиот скандал од сите нив, можеби најголемиот во историјата. Демократите не можат да се сокријат од овој. Преголем, премногу валкан“, напиша Трамп.