Во најновото издание на шорткастот „Интеркултура“на ИМА, Роберт Алаѓозовски разговара со Џабир Доко, театарски режисер и поранешен заменик-министер во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, околу состојбите со турската заедница во земјава. Тој истакнува дека Турците се чувствуваат неприфатени во општеството, бидејќи за првпат не се дел од извршната власт во земјата.

„Турците се чувствуваат дека се неприфатени во општеството. Особено во последниот период тоа сè повеќе се чувствува, затоа што вие кога не сте дел од системот, односно не сте дел од институциите, не можете да учествувате во креирањето на политиките, не можете да учествувате во креирањето на буџетот, а кога немате таква шанса многу лесно сте изолирани и на некој начин сегрегирани…Веќе се чувствува дека турската заедница се отуѓува… и во урбаните средини Турците се чувствуваат отуѓени, изолирани и, на некој начин, својата иднина, особено младата популација, не ја гледа тука“, објаснува Доко.

Доко се осврна и на застојот во изградбата на Турскиот театар, формирањето на Културен центар на турската заедница, интересот на филмската уметничка заедница кон турската заедница во земјата и можните придобивки од тој тренд, но и за односот на новата влада кон политиките за унапредување на правата и застапеноста на немнозинските заедници во општеството, како и на работата на Министерството за односи меѓу заедниците и намалувањето на фондот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците.

Погледајте и слушнете го целиот разговор со Џабир Доко во видео шорткастот „Интеркултура“.