Македонскиот народен театар (МНТ) информира дека денеска почнаа првите читачки проби за претставата „Варвари“, дело на рускиот писател Максим Горки, а во режија на Владимир Милчин.
– Делото „Варвари“ е драма која се занимава со социјалните и моралните конфликти на почетокот на 20. век во Русија. Претставата се одвива околу интелектуалецот, кој се соочува со растечките разлики меѓу старото и новото, традицијата и модерноста. Главните ликови се припадници на различни социјални класи: интелектуалци, работници и обични луѓе, кои ги претставуваат различните ставови и конфликти на тогашното руско општество. Тие се поставени во ситуација на морална дилема, каде што мораат да се соочат со своите лични и социјални вредности, се вели во соопштението.
Ова дело првпат се поставува во нашата држава. Во претставата игра масовна актерска екипа од 23 актери: Тони Михајловски, Габриела Петрушевска, Никола Ристановски, Звездана Ангеловска, Софиа Насевска-Трифуновска, Владо Јовановски, Григор Јовановски, Ана Стојановска, Оливер Митковски, Тања Кочовска, Александар Микиќ, Верица Недеска, Сашко Коцев, Гораст Цветковски, Јордан Симонов, Сашка Димитровска, Емил Рубен, Александар Ѓорѓиески, Дамјан Цветановски, Ивица Димитријевиќ, Александар Михајловски, Jана Вељановска и Стефан Спасов. Од нив, повеќето се студенти на професорот Владимир Милчин, режисерот на претставата.
Сценограф е Беди Ибрахим, костимограф е Марија Пупучевска, а преводот го направија: Ема Марковска-Милчин и Владимир Милчин. Асистент на режисерот е Шенај Мандак, а изборот на музиката е на режисерот Владимир Милчин.
На сцената на Македонскиот народен театар досега се поставени следниве драми од Максим Горки: „Малограѓани“ (1951) во режија на Илија Милчин, „На дното“ (1954) во режија на Илија Милчин и Илија Џувалековски и „Децата на сонцето“ (1973) во режија на Илија Милчин.
ПР текст
Текстот Започнаа првите читачки проби за претставата „Варвари“ е превземен од МАКФАКС.