Во падот на медицинскиот авион во североисточна Филаделфија загинаа седум лица, вклучително и едно лице кое беше во автомобил на земја, потврди денеска градоначалничката на Филаделфија, Шерил Л. Паркер.

Како што јави Си-Ен-Ен, при падот на авионот повредени се најмалку 19 лица.

Мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум изјави дека шесте патници во медицинскиот авион се мексикански државјани.

Леарџет 55 се урна по полетувањето од аеродромот во североисточна Филаделфија, соопшти Федералната управа за авијација за Си-Ен-Ен.

Авионот превезувал педијатриска пациентка и нејзината мајка кои се враќале дома во Мексико откако детето било лекувано во Филаделфија, изјави Шаи Голд, портпарол на операторот на летот, Jet Rescue Air Ambulance.

Девојчето било згрижено во болницата за деца „Шринерс“ во североисточна Филаделфија, соопштија градските власти.

Медицинскиот авион беше на пат кон националниот аеродром Спрингфилд-Брансон во Мисури и требаше да застане за полнење гориво на аеродромот Спрингфилд пред да продолжи кон својата крајна дестинација Тихуана, Мексико.

Во авионот имало и четворица членови на екипажот, пилот, копилот, болничар и лекар, сите мексикански државјани.

Несреќата се случи само два дена откако авион на Американ ерлајнс се судри со воен хеликоптер во Вашингтон, при што загинаа 67 лица.

Текстот (Фото+видео) Потресни детали од авионската несреќа во САД: мајка ја носела ќерката на лекување, па загинале заедно е превземен од МАКФАКС.