По цели пет години настава по странски јазици без учебници во основното образование, новото раководство на Министерството за образование и наука и на Педагошката служба ја започнаа постапката за набавка, со цел истите да бидат обезбедени за следната учебна 2025-2026 година, информираат од МОН.

„На јавниот повик изработен согласно одредбите од новиот Закон за учебници во основното и средното образование, можат да се пријават странски издавачи преку домашни застапници и тоа за одобрување на учебници по Англиски јазик од прво до деветто одделение, како и за учебници по Француски, Германски, Италијански и Руски јазик од шесто до деветто одделение. Крајниот рок за пријавување е 28.3.2025 година“

Според МОН, постапката за набавка на сите учебници по странските јазици целосно ќе заврши пред почетокот на учебната година.

Учениците, децидни се од министерството, први септември ќе го започнат без грижи дали ќе имаат основни помагала за совладување на наставната материја, а наставниците без обврски самостојно да наоѓаат материјали и извори на информации.

„Дополнително, информираме дека е објавен и конкурс за изработка на нови учебници за седмо одделение, согласно новите наставни програми и тоа по предметите Биологија, Хемија, Физика, Географија, Граѓанско образование и Албански јазик како изборен предмет, но и учебници по изборниот предмет Јазикот и културата на Турците за сите одделенија од шесто до деветто. Рокот за пријавување е 31.3.2025 година“.

МОН и Педагошката служба ги повикуваат издавачките куќи да покажат интерес и да се пријават на повиците. Конкуренцијата, како што истакнуваат, е од исклучителна важност за обезбедување на квалитетни наставни помагала, кои ќе овозможат непречен воспитно – образовен процес.

МОН со најава дека сите учебници и натаму ќе останат бесплатни, со обврска за учениците да се грижат за нивната состојба и на крајот од учебната година да ги вратат на училиштето.