Околу 70 милиони Американци долж источниот брег на САД се под предупредување за зимско невреме издадено од Националната метеоролошка служба, а прогнозата предвидува до 15 сантиметри снег на повеќето места.
Нова Англија е под предупредување за навлегување на арктичкиот воздух, како и делови од Масачусетс, Њу Хемпшир, Мејн и Конектикат, каде се прогнозира дека снежната покривка ќе достигне 25 сантиметри, пренесе АП.
Марк Ченард, метеоролог од Националната метеоролошка служба рече дека дури 70 милиони жители ќе бидат под некаков вид предупредување за зимско невреме во наредните денови, вклучително и Нова Англија и Средниот Атлантик.
Во Вашингтон се предвидува студено време во понеделник, поради што церемонијата на инаугурација на новоизбраниот претседател Доналд Трамп ќе биде преместена во затворен простор, во американскиот Капитол.
„Во понеделник ќе биде студен ден во Вашингтон, тоа е сигурно“, рече Ченард, кој рече дека градот се прогнозира да има минимална температура од -7 Целзиусови степени, со удари на ветер од 48 километри на час.
Во големите градови како Филаделфија, Њујорк и Бостон може да паднат до 10 сантиметри снег во текот на ноќта, а најобилните врнежи се очекуваат надвор од градовите.
Градоначалникот на Њујорк, Ерик Адамс, ги повика жителите на градот да се возат со метро и автобуси доколку мораат да патуваат за време на невремето, за да им олеснат на екипите да ги расчистат улиците.
Текстот Околу 70 милиони Американци предупредени за невреме: инаугурацијата на Трамп преместена во Капитол е превземен од МАКФАКС.